Историја на турбо - компресорот

 

Историјата на турбо - компресорот е долга, колку и употребата на моторот со внатрешно согорување.

 

Во далечните 1885 и 1896 година „Gottlieb Daimler“ и „Rudolf Diesel“ ја истражуваа можноста за зголемување на снагата на моторот и за редукција на потрошувачката на гориво со употреба на компресиран воздух при согорувањето во моторот. Во 1925 година, швајцарскиот инжинер Алфред Бухи беше првиот којшто успешно го примени системот за турбо - компресирање со помош на издувни гасови и постигна зголемување на снагата на моторот за повеќе од 40%. Oва претставува почеток на ерата на воведување на турбо - компресорите во автомобилската индустрија. Првите турбо - компресори се користеле кај многу големите мотори. Во автомобилската индустрија најпрво почнале да се употребуваат кај моторите на камионите. Во 1938 година „Swiss Machine Works Saurer“ го изработи првиот камионски мотор со турбо - компресор.

 

Chevrolet Corvair Monza i Oldsmobile Jetfire се првите патнички возила со турбо - компресор. Дебитирале на пазарот во САД во 1962/63 година. Сепак, и покрај ваквите напредни технички решенија, нивната несигурност при возењето резултираше со нивно брзо исчезнување од пазарот.

 

По првата нафтена криза во 1973 година, турбо - компресорите стануваат се поприфатливи кај комерцијалните дизелски единици. Дотогаш, големите инвестиции во нивниот развој не беа исплатливи бидејќи, заради ниските цени на горивата, заштедите беа минимални. Зголемените ограничувања во поглед на емисијата на издувните гасови, кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, доведоа до пораст на производството и употребата на камионски мотори со турбо - компресори, така што денес, буквално, секој камионски мотор има турбо - компресор.

 

Во седумдесеттите години на минатиот век, турбо - компресорите беа користени во авто - мото спортовите, особено во трките на Формула 1, што доведе до нивната зголемена популарност во автомобилската индустрија. Зборот „турбо“ стана многу популарен. Во тоа време, речиси секој производител на автомобили понуди барем еден врвен модел со бензински турбо мотор. Сепак, овој феномен исчезна по неколку години, бидејќи моторите и покрај големата снага сè уште беа неекономични. Покрај тоа, се појави и проблемот со „турбо дупката“, односно одложената и бавна реакција на турбо - компресорот којшто не беше прифатлив за поголемиот број на купувачи на автомобили.

 

Вистинскиот пробив на турбо - компресорите во автомобилската индустрија беше постигнат во 1978 година со воведувањето на првиот дизел мотор со турбо - компресор кај моделот на  Мерцедес 300SD. Потоа, во 1981година се појави турбодизелот „VW Golf“. Со помош на турбо - компресорот беше можно да се зголеми ефикасноста на патничките автомобили со дизел мотор и да се постигнат речиси  исти перформанси како кај бензиските единици со значајно намалена емисија на штетни издувни гасови.

 

Денес, турбо - компресорите кај бензинските мотори примарно не се користат како средство за подобрување на перформансите, туку како средство за заштеда на потрошувачката, а со самото тоа и како средство за намалување на загадувањето на животната средина и намалување на емисијата на штетен јаглерод диоксид (СО2).


Во моментов, основната причина за употреба на турбо - компресорите  е намалената потрошувачка и емисијата на штетни гасови.